Универзитетскиот стоматолошки клинички центар “Проф. д-р Бојо Андрески”, кој функционира како практична база на Факултетот за стоматологија при Европски универзитет, постои веќе 10 години и располага со опрема и кадар кои можат да застанат рамо до рамо со современите трендови на модерната стоматологија. Тоа се докажува преку секојдневните бројни и успешно изведени интервенции, а една од нив деновиве беше изведена на стоматолошката клиника во одделот за Орална хирургија.
Д-р Енис Реџеп, специјалист по орална и максилофацијална хирургија, и асистент д-р Јордан Ѓурчески, специјализант на орална хирургија, кои ја извршија интервенцијата истакнуваат дека се работи за сложена хируршка интервенција кај 50-годишна пациентка со целосна беззабост во двете вилици. Докторите истакнуваат дека обемните хируршки интервенции од овој тип се голем предизвик за изведување. Интервенцијата имаа можност да ја следат стажантите и дел од студентите на Факултетот за стоматологија, а истата беше целосно документирана и ќе послужи како показна вежба за практичната настава по предметот Орална и максилофацијална хирургија.
-Пред сè, благодарни сме што нашата секојдневна работа предизвикува интерес кај пошироката јавност и добро е да се зборува помеѓу нестручната јавност за можностите кои им се достапни на пациентите за решавање на нивните стоматолошки проблеми. Тоа што денес зборуваме на оваа тема, значи дека чекориме рамо до рамо со најновите трендови во стоматологијата. Во конкретниот случај се работеше за пациентка која бараше да се постават импланти во горната и долната вилица со цел да се обезбедат услови за изработка на фиксни конструкции (мостови). За жал, ретко кај кои пациенти се задоволени сите услови за поставување на импланти. Обично, недостасува доволно коскено ткиво или, пак, во горната вилица често се јавува состојба наречена “спуштен синус” каде што максиларниот синус е премногу голем и едноставно нема простор за поставување на импланти. За среќа, пак, модерната стоматологија нуди можности како би се решиле овие недостатоци. Имено, постои можност за хируршко “подигнување” на дното на синусната празнина и пополнување на просторот со вештачка коска (познато како sinus lift процедура), како и разни техники за коскено надградување (коскена аугментација) со што се добива доволно коска за да се постават имплантите. Мораме да нагласиме дека овие процедури не се нешто ново во стручната јавност и голем број на орални хирурзи ги изведуваат истите, велат докторите кои ја извршија интервенцијата.
Она што е ново и што малкумина го работат во комбинација со овие техники е користење на PRF методи при кои се добиваат крвни деривати од сопствената крв на пациентот, а кои од своја страна претставуваат најбиолошкиот и најприродниот начин да му се помогне на организмот и да го поттикне со голем успех да го зарасне ткивото.
PRF (platelet rich fibrin) методите претставуваат збир на постапки кои се релативно нови и кои во денешно време доста нашироко и успешно се користат не само во стоматологијата туку многу често и во пластичната хирургија, естетиката, ортопедијата, итн. Со едноставни зборови, на пациентот пред интервенција му се зема одредено количество крв, соодветно се обработува, се центрифугира, и на тој начин се добиваат крвни деривати кои се богати со клетки (пред сè, крвни плочки-тромбоцити) кои се богати со висока концентрација на фактори за раст (кои впрочем претставуваат хемиски гласници со кои клетките комуницираат меѓу себе и си пренесуваат информации). Овие деривати може да се добијат во течна форма, во форма на гел, мембрани, како и да се помешаат со вештачката коска и да се добие т.н. леплива коска (sticky bone). Предноста на користењето на овие методи е тоа што било која хируршка интервенција ја прават поуспешна, а зараснувањето на раната оди со значително побрз тек. Недостатоци скоро и да нема.
Докторите истакнуваат дека кај пациентката била изведена токму таква сложена хируршка интервенција со двострано подигнување на подот на синусот (познато како sinus lift процедура) во една посета и направено е вертикално и хоризонтално коскено надградување со вештачка коска (коскена аугментација со вештачки коскени графтови). Во истата посета поставени се шест импланти во горната вилица. Притоа, користен е најсовремен биолошки поткрепен пристап за изведување на овие интервенции (PRF метода за да се обезбеди најбиолошко и најбрзо зараснување на раните и побрза и поуспешна остеоинтеграција на коскените трансплантати и имплантите). Истата постапка беше изведена и во долната вилица кај истиот пациент, наредниот ден, користејќи ги истите принципи на работа. Интервенциите поминаа без никакви компликации.
Уште еднаш да нагласиме, хируршките постапки сами за себе не се нови, но комбинацијата на сè погоре наведено, употребата на биолошкиот пристап како и обемноста на интервенцијата и можноста да се завршат повеќе постапки во една посета нè прави уникатни и ретки на “пазарот” на стоматологијата во нашата држава, велат проф. д-р Енис Реџеп и ас. д-р Јордан Ѓурчески.
Кадарот кој работи на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар “Проф. д-р Бојо Андрески” секојдневно се надградува преку самоедукација, посета на стручни работилници и курсеви, како и остварување на стручен престој на бројни универзитети надвор од државата.
Превземено од vecer