Факултет за арт и дизајн – мисија

Вовед и мисија

Факултетот за арт и дизајн е основан и акредитиран во 2006 година. Неговите основни принципи се темелат врз изучување на уметноста и дизајнот преку теоретска и практична настава, со акцент на интердисциплинарниот пристап во креативноста.

На Факултетот за арт и дизајн сe обучува специјализиран кадар на дизајнери, кои своето знаење го имплементираат во три значајни области во уметноста како креативен израз, а тоа се графичкиот, модниот и дизајнот на ентериер. Дипломираните дизајнери, едуцирани според европски и светски стандарди, ќе можат успешно да го имплементираат стекнатото знаење во нашата земја, овозможувајќи подобрување на квалитетот на производите и услугите во стопанството и нивна поголема конкурентност на европските пазари.

Со својата факултетска наобразба и креативното изразување, дипломираните дизајнери придонесуваат во создавање услови за формирање препознатливи брендови на македонски производи. Со нивниот иден ангажман во стопанството ќе се овозможи и стимулирање на производството преку дизајнирање на производи во кои се содржани препознатливи елементи на традиционалната култура во Македонија, како и создавање услови за отворање на мали дизајнерски студија како важен елемент со кој се стимулира индивидуалната иницијатива и развојот на мали бизниси.

Преку бројните изложби, модни ревии, проекти, работилници, како и соработката со значајни институции од земјата и странство, Факултетот за арт и дизајн ја потврдува својата заложба за обезбедување квалитет во студирањето и современ пристап во високото образование. За тоа сведочат признанијата и наградите што Факултетот и неговите студенти ги имаат добиено за својата работа.

Студиски програми од прв и втор циклус

На Факултетот за арт и дизајн се реализираат студиски програми од прв и втор циклус. По завршувањето на четиригодишните студии - прв циклус на студии, со одбраната на дипломската работа, студентот се стекнува со звање ДИПЛОМИРАН ДИЗАЈНЕР во областа на графички дизајн, ентериер дизајн или моден дизајн. Со дипломирањето студентот се стекнува со 240 ЕКТС.

Вториот циклус студии за академската 2019/20 година се реализира со едногодишна наставна програма (4+1) и двегодишна наставна програма (3+2). Со завршувањето на вториот циклус на студии студентот се стекнува со звање: МАГИСТЕР ПО ДИЗАЈН од областа на Графички, Ентериер или Моден дизајн, со одбрана на истражувачки магистерски труд; или МАГИСТЕР ПО АРТ од областа на Графички, Ентериер или Моден дизајн - со презентирање на изработен дизајн проект или по организирање изложба.