СВЕДОШТВА – Катерина Трпковска

СВЕДОШТВА – Стефан Мицов
јуни 11, 2020
СВЕДОШТВА – Севгул Абдула
јуни 26, 2020
Прикажи ги сите

СВЕДОШТВА – Катерина Трпковска

Интервју со Катерина Трпковска, дипломиран дизајнер: Факултетот за арт и дизајн освен добро образование нуди и пракса, која е многу важна за успех

Катерина Трпковска, која дипломирала на Факултетот за арт и дизајн, отсек дизајн на ентериер е основач на брендот за дизајн и производство на мебел Rinocca. Со посебен претприемачки дух и уникатен дизајнерски пристап, Трпковска ги освојува домашните и странските пазари, а за своите дизајни има добиенo значајни награди и признанија во земјата и странство. На сегашните и идните студенти им советува никогаш да не застануваат во животот и да го изберат оној факултетот кој освен образование нуди и пракса, а тоа е Европскиот универзитет

Колку дипломата и знаењето кое го стекнавте на Европскиот универзитет, Скопје ви беа отскочна даска во вашиот живот и кариера?

Одлуката да студирам на Европски универзитет, односно на Факултетот за арт и дизајн, отсек дизајн на ентериер, целосно го промени текот на мојот живот. Отидов во сосема друг правец за кој претходно немав никакво познавање, притоа се покажа дека влегувањето во сосема друг непознат свет испадна една од најдобрите ако не и најдобра одлука што сум ја донела. Ќе бидам искрена и ќе кажам дека дипломата што ја стекнав на Европски универзитет ми е драго што ја имам, но има нешто многу поважно од тој документ. Секако, тука е развојот на личноста за време на студирањето, доколку личноста е правилно насочена од страна на професорите и асистентите почнуваат да се создаваат ситуации и можности кои носат успех.

Вие сте успешен дизајнер на мебел и основач на брендот за дизајн и производство на мебел Rinocca. Кажете ни колку е важна праксата која е задолжителна на Европски универзитет за успех во работата?

Да, дизајнираме и произведуваме мебел и на наше задоволство имаме стекнато неколку признанија за нашата работа, но сметам дека сме сè уште далеку од она што би требало да бидеме. Сепак најважен е фактот што од самиот почеток се стремиме кон подобра и попродуктивна иднина и до сега немаме застанато во тој поглед. Праксата е многу важна, посебно за оваа професија. Тоа секогаш го потенцирам, а на Факултетот за арт и дизајн се сеќавам дека голем дел од студиите, односно предавањата, беа организирани на таков начин што праксата беше составен дел. Поради ова сметам дека Европски универзитет се издвојува од другите. Нема ништо подобро од тоа студентите да ги одржуваш активни во текот на целото студирање. Студентите треба да ја искористат слободата која ја имаат додека се на студии и можноста за стекнување на пракса, да се трудат самите да создаваат проекти, никогаш да не одбиваат проекти, дури и да е тоа на пример помошна масичка која вашата баба ја побарала да и ја направите од вас. Со така стекната пракса многу полесен ќе биде преминот во сериозниот бизнис. Но и потоа праксата и надградувањето не застануваат. Всушност тие не застануваат никогаш.

За своите дизајни имате добиено многу признанија и награди. Можете ли да им дадете еден совет на младите како да го развијат претприемачкиот дух и да отворат сопствен бизнис?

Прво, знам дека е тешко во тие години да се биде прецизен во тоа што точно би сакал за себе и да се биде конкретен во целта и затоа не мора да се оптоваруваат со такви мисли. Најважно од сè е да не застануваат никогаш. Секако дека ќе се соочат со многу неуспеси, многу разочарувања, многу префрлање вина на други, многу демотивирање, многу грешки, но сепак треба да разберат дека успехот не доаѓа сам. Затоа мојот совет до сегашните и идните студенти е никогаш да не застануваат. Движете се низ ситуациите и годините и разберете го тоа како еден вид пракса. Тоа ве гради како личност која понатаму ќе се справува успешно со ситуациите не само во бизнисот туку и приватниот живот. Едноставно одејѓи го овој пат станувате подобри луѓе. Нема посебна формула за успех во бизнисот, тоа што денешните мотиватори смислиле начин да заработуваат така што на младите ќе им предаваат за тоа како се станува успешен е заблуда. Само со напорна работа, со одредено искуство и промислени одлуки се стига до одреден успех. И не треба тоа да е сопствен бизнис, успешен е секој човек што придонесува за крајната цел, успешен проект од било која позиција како дел од тимот.

Која е Вашата порака до младите, кои допрва се запишуваат на факултет. Зошто да го изберат Европски универзитет и што е тоа што овој универзитет го прави посебен од другите?

Ако го прочитаат овој текст, ќе разберат дека образованието е важен дел од нивниот живот. Јас бев студент и можам да им го кажам моето позитивно искуство од студирањето на Факултетот за арт и дизајн. Ако се одлучат да студираат дизајн, а се мислат каде, јас ќе им помогнам со тоа што ќе кажам дека конкуренција не постои. Кога ја имаат таа можност да вложат во себе на вистински начин да го направат тоа. А тоа ќе го сторат ако се запишат на Факултетот за арт и дизајн на Европски универзитет.