Успешни алумни приказни: доц. м-р Иван Дургутовски

Запознавање на матурантите со Европски Универзитет
март 3, 2020
ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ
март 10, 2020
Прикажи ги сите

Успешни алумни приказни: доц. м-р Иван Дургутовски

Иван Дурутовски е успешен графички дизајнер и визуелен уметник. Неговиот креативен дух го донесе на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, каде дипломираше во 2010 година. Како неуморен истражувач, секогаш желен за нови знаења, се запиша и на вториот циклус студии по графички дизајн. Магистрираше во 2017 година, со тема: „Дизајнот на списанијата во ерата на дигиталните медиуми: дизајн, комуникација, перцепција”, под менторство на проф. д-р Гордана Вренцоска. Добитник е на повеќе награди и признанија во земјата и странство, а има реализирано неколку самостојни изложби и бил дел од повеќе групни изложби. Позначајни негови достигнувања се: учество во групна изложба посветена на режисерот Стенли Кјубрик во Кинотеката на Франција; соработката со хрватската компанија Краш за кампањата „I Have a KRAŠ on You”, која доби повеќе интернационални признанија и фестивалски награди; награди за автопортретна фотографија на фестивалите ReFOTO (Белград, Србија) и Rovinj Photodays (Ровињ, Хрватска); прва награда на студентскиот конкурс за дизајн на плакат за туристичка промоција на Македонија; самостојните изложби во соработка со Лилика Стрезоска „Еве, по Дома” и „I.D.D.Q.D.”; самостојна изложба на фотографии „Emotional Landscapes” во Пном Пен, Камбоџа и други.

Оваа академска година Иван се врати на Факултетот за арт и дизајн, но овој пат во улога на предавач. За своето искуство од студент до професор на Европскиот универзитет, тој вели:

„Повторно се најдов онаму каде што започнав; сега го водам и следам процесот од другата страна. Додека студирав стекнав насоки и искуства кои и ден денес ги следам и применувам, а истите ме натераа да работам на создавање нови патеки за тоа што следува. Чувството да се работи со млади луѓе е навистина прекрасно, бидејќи во таа приказна учиме и непрекинато се надоградуваме сите заедно.“

Да му посакаме успешна работа со студентите и уште многу нови креативни предизвици!