Десетта меѓународна научна конференција

Десетта меѓународна научна конференција
септември 21, 2020
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ПОЧЕТОК НА АКАДЕМСКАТА 2020/2021 ГОДИНА
септември 30, 2020
Прикажи ги сите

Десетта меѓународна научна конференција

Европскиот универзитет ги собра научните и истражувачките работници од различни области на едно место

Европскиот универзитет, Скопје во петокот беше местото каде се собраа научните и истражувачките работници од различни области да ги разменат нивните најнови сознанија и практични искуства во врска со создавањето на нови технологии, нови начини на работа, процеси, услуги, иновативни техники, случувања, ажурирања и достигнувањa од сите сфери на науката. Нивните научни трудови од десетта меѓународна научна конференција „Патот кон успехот – иновација, интеракција, имплементација“ ќе бидат објавени во печатена верзија од меѓународното списание „IDEА”, во електронска форма на CD и на официјалната веб-страница на Европскиот универзитет на www.eu.edu.mk

На Европскиот универзитет, Скопје неделава се одржа десеттата меѓународна научна конференција на тема „Патот кон успехот – иновација, интеракција, имплементација“. На конференцијата учествуваа експерти од сите области на науката и уметноста, стоматолози, лекари, биолози, екологисти, социолози, економисти, уметници, дизајнери, информатичари, технолози, машински инженери, претставници од бизнис секторот, претприемачи, претставници на владини и невладини организации, претставници на религиски заедници, универзитетски професори, асистенти и студенти. Дел од учесниците конференцијата ја следеа онлајн, а своите трудови ги презентираа преку ЗООМ апликацијата.


Целта на конференцијата беше да се поттикнат научните и истражувачките работници од различните образовни институции, бизнис заедницата, владиниот и невладиниот сектор да ги разменат нивните најнови сознанија и практични искуства во врска со создавањето на нови технологии, нови начини на работа, процеси, услуги, иновативни техники, случувања, ажурирања и достигнувањa од сите сфери на науката.

-Во современото општество еден од клучните фактори во одредувањето на крајниот успех на организациите е нивната способност да ја користат иновацијата за создавање на конкурентски предности. За иновации се потребни интеракција, дебата и кооперација. Процесот на интеракција е особено важен и треба да биде вклучен во севкупната иновациска стратегија. Клучот за финалниот успех на секоја иновација е нејзината соодветна имплементација. Успешната имплементација на иновацијата во голем дел зависи од континуираната интеракција од почетокот на процесот на промена, па сè до добивање на повратните информации за резултатите од промените. Иновацијата е клучен двигател на економскиот раст во светски рамки, беше истакнато на меѓународната научна конференција.


На тема “Правната природа на активното избирачко право, субјективно политичко право или јавна функција?”, дебатираше Никола Амбарков, д-р по политички науки. Целта на неговиот труд е да се анализира правната природа на активното избирачко право преку разгледување на аргументите и контрааргументите преку три теории…
Проф. д-р Иванка Апостолова се претстави со тема ”Иновациите во современите изведувачки уметности – фокус на сценографијата во современиот театар и перформанс“. Таа направи анализа и интерпретација на современите сценски опреми и технолошките капацитети во театрите во Македонија, Словенија, Германија, хронолошки од 2010 до 2020 година преку компарации, сличности и разлики во и надвор од стандардизираната сценска опрема.
„Социјални мрежи и конкурентност на дестинациите“ беше темата на д-р Јелена Петровиќ, во која таа говореше за важноста на социјалните мрежи во промоцијата и успешноста на туристичките дестинации.


Проф. д-р Анастас Џуровски се осврна на “Примена на принципот на заштита на приватната сопственост и принципот на немање на конфликт на интереси во управувачките структури на банките во Европската Унија после промената на сопственичката структура кај банките во ЕУ”.
Доц. д-р Александар Нацев на тема „Следниот стратешки концепт на НАТО – ефикасен пат напред“ говореше за следниот стратешки концепт на НАТО како ефективен начин за напредок.


“Врсничката медијација и програмите за превенција на малолетничка деликвенција” е темата на која говореше асс. м-р Ебру Ибиш, а целта е да се стави акцент на новите начини на превенција на малолетничка деликвенција. Во рамките на трудот опфатени се врсничката медијација и програмите за превенција на малолетничка деликвенција како современ и нов пристап кај нас и во светот.
Доц. д-р Зоран Крстевски го презентираше својот труд ”Етичките аспекти на работењето и успешноста на компаниите”. Во трудот тој објаснува дека клучот на успехот е во поставувањето на целите, планирањето, дисциплината, упорноста, фокусирањето, мотивацијата, етиката, управувањето со времето, влијанието на соодветните луѓе и успешното организациско работење.
Проф. д-р Лидија Поповска, во трудот “Влијание на озонот во инфицирани коренски канали: ин витро испитување” говореше за успешност во ендодонтската терапија при апликацијата на озонот, што е резултат на високото ниво на дезинфекција кое го овозможува овој гас.


На тема „Виртуелна фасцинација„ говореше м-р Ангелина Спировска. Фактот дека сликарството е дводимензионална техника, но може да ја понуди третата димензија која не мора да биде само претстава или илузија за простор, туку дека и самата слика може да „излезе“ и да го пробие просторот, истакнува таа во својот труд.
Трудот на д-р Мимоза Стаменковска, ”Испитувањето на плунковните биомолекули како нов пристап во раното дијагностицирање на оралните заболувања” ги содржи најновите достигнувања во истражувањата поврзани со плунката. Во трудот е ставен посебен акцент на потенцијалната вредност на плунката во раната дијагноза и следење на оралните заболувања, како што се кариесот на забите, пародонтити, периимплатити, болести на оралната мукоза, орален канцер…


Гостин на настанот беше проф. д-р Трпе Груевски, доктор на науки по кибернетика и вештачка интелигенција и консултант за енергија од обновливи извори.
Целосните трудови ќе бидат објавени во печатена верзија од меѓународното списание „IDEА”, во електронска форма на CD и на официјалната веб-страница на Европскиот универзитет на www.eu.edu.mk.

Фото: Петр Стојановски