Доц. д-р Александар Нацев е роден на 16.02.1984 година во Пробиштип, Република Македонија. Основно и средно образование завршува во родниот град. Во 2002 година се запишува на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. За време на студирањето на Воената Академија, во септември 2004 година се запишува како вонреден студент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност – преведувачка насока. Во 2006 година ја завршува Воената академија и е промовиран во офицер од родот пешадија. Во 2009 година го завршува Филолошкиот факултет и се здобива со квалификација дипломиран преведувач по англиски јазик.
Во 2007 година се запишува на постдипломските студии на Факултетот за безбедност во Скопје, на насоката Безбедност и разузнавање. На 14.04.2011 година, успешно го одбранува магистерскиот труд и се стекнува со научно звање магистер на науки од областа на криминалистиката и криминологијата. На 08.06.2016 година успешно ја одбранува докторската дисертација под наслов „Информациите и информирањето како услов за ефикасно планирање во безбедносниот сектор на Република Македонија“ и се стекнува со научно звање доктор на науки од областа на безбедноста.
Во периодот од 2006 до 2015 година, работи како советник во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Во периодот од јануари 2015 година до август 2017 година ја извршува функцијата директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Од Октомври 2018 година е вработен на Европскиот Универзитет, а во Ноември 2018 година е избран за декан на Факултетот за детективи и криминалистика при ЕУРМ. Активно ги користи англискиот и германскиот јазик.