Гордана Вренцоска е интердисциплинарен уметник, дизајнер и професор. Факултет за ликовни уметности завршила на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а магистерски студии по дизајн на Central Saint Martins School of Art & Design во Лондон како Чивнинг стипендист. Докторската теза ја одбранила на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Работела во Мекен Ериксон Скопје од 1997 до 2004 година, креирајќи и менаџирајќи кампањи за познати интернационални брендови како Nestlé, Nescafé, Opel, Siemens, Durex и други. Од 2006 година Вренцоска е професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот во Скопје.
Била дел од различни истражувачки и консултантски проекти, автор е на бројни дизајнерски проекти, стручни текстови и неколку научни трудови, како и на книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“. Реализирала 14 самостојни изложби и учествувала во бројни групни уметнички изложби во Македонија, Полска, В. Британија, Италија, Германија, Хрватска, Австрија, САД, Кина и други земји. За својата работа добила бројни награди и признанија, меѓу кои: победник на Twinings натпреварот за дизајн на шапка во В. Британија; добитник на престижниот грант за уметници на фондацијата Полок-Краснер од Њујорк; UK Alumni Entrepreneurial Award 2018, награда што ја доделува Британскиот совет во Лондон, како и благодарница за придонесот во развојот на Факултетот за арт и дизајн од Европскиот универзитет.