Често поставувани прашања

Почитувани сегашни и идни студенти,

Во продолжение можете да најдете одговори на најчесто поставуваните прашања во врска со Вашите студии на Европски Универзитет, и да ги добиете потребните информации од следните категории:

 

Уписи – услови и потребни документи

  1. Кога се уписите (уписни рокови)?

Времето на уписи е организирано во три уписни рокови.

1 уписен рок : 16 април – 30 јуни

2 уписен рок : 01 јули – 31 август

3 уписен рок : 01 септември – 30 септември

  1. Потребни документи за упис на I циклус на студии?

– Диплома за завршено 4-годишно средно образование

(за заврш.сред.образование во странство + Решение за нострификација);

– Свидетелства за сите 4 год. од средното образование;

– Диплома за положенa државна или меѓународна матура (*не е потребно за лицата кои завршиле 4-год. средно образ. пред воведувањето на државна матура и за кандидатите кои завршиле средно образование во учебната 2019/20 година);

– Уверение за државјанство + 4 фотографии (3.5×4.5 cm);

– Извод од матична книга на родените;

– Доказ за познавање англиски јазик (*за студентите кои одбрале да посетуваат настава на англ.јазик, ниво Б1);

-Лекарско уверение (*само кандидатите за упис на Факултетот за детективи и криминалистика);

– Потврда за работен однос или медицинска потврда (*за вонредни студенти);

– Студентите кои вршат трансфер доставуваат Уверение за положени испити и фотокопија од Индекс со последен заверен семестар како активен студент;

  1. Потребни документи за упис на II циклус на студии?

– Диплома за завршено високо образование од прв циклус;

– Уверение за завршен прв циклус студии;

– Уверение за државјанство;

– Извод од матична книга на родените;

– Доказ за познавање англиски јазик (*за студентите кои одбрале да посетуваат настава на англ.јазик, ниво Б1);

– 2 /две/ фотографии (3.5×4.5 cm);

– Студентите кои вршат трансфер доставуваат Уверение за положени испити и фотокопија од Индекс со последен заверен семестар како активен студент;

  1. Ранг листи на примени студенти?

По секој завршен уписен рок, Конкурсна комисија врши рангирање на кандидатите и објавува прелиминарна листа на која кандидатите можат да поднесат приговор до Ректорската управа. 24 часа по објавувањето на прелиминарната ранг листа, се одлучува по евентуално вложените приговори и се објавува конечна ранг листа. Со секој од пријавените кандидати ќе се спроведе интервју на следните датуми: 01.07.2020 (I уписен рок), 02.09.2020 (II уписен рок) и 01.10.2020 (III уписен рок), во 12:00 часот.

Ранг листите се достапни во Студентската служба на Универзитетот.

  1. Договори за студирање?

Да, при упис потпишувате Преддоговор, а потоа и главен Договор за студирање.

  1. Дали може да се запишам со училишна матура или без положена матура?

Согласно Законот за високото образование,  кандидатите кои имаат положено само завршен испит или училишна матура, немаат право на упис. Идните студенти мора да имаат положено државна матура. Исклучок од ова правило се кандидатите за упис кои завршиле четиригодишно средно образование според прописите кои важеле пред воведувањето на државната матура и кандидатите кои се стекнале со диплома за завршено средно образование во траење од четири години во учебната 2019/2020 година (*ослободени од обврската за полагање државна матура).

  1. Како да ја нострифицирам дипломата доколку средното образование го имам завршено во странство?

Нострификација на диплома за завршено средно образование во странство се врши во Министерството за образование и наука.

Повеќе информации за постапката за нострификација и потребните документи можете да добиете на следниот линк:

http://mon.gov.mk/index.php/dokumenti/nostrifikacija

  1. Постапка за студентска виза/престој?

Доколку сте странски државјанин кој сака да студира во Р.С.Македонија на некој од факултетите во состав на Европски Универзитет во Скопје, следете го упатството од 5 /пет/ чекори за упис и добивање студиска Виза/престој, достапно на нашата веб-страна на следниот линк:

https://www.eu.edu.mk/wp-content/uploads/2020/04/5-STEPS-ENROLLMENT-INFO.pdf

  1. Дали може да имам статус на вонреден студент (да се запишам вонредно)?

Да, со приложување на потврда за редовен работен однос или медицинска потврда за здравствена состојба која ве спречува редовно да доаѓате на настава и вежби.

  1. Дали може при завршени студии со 180ЕКТС, да се запишам повторно на прв циклус на четиригодишни студии, за да добијам 240 ЕКТС?

Има можност во зависност од компатибилноста на студиската програма од претходното образование и студиската програма на Европски Универзитет за која имате интерес. Задолжително се доставува Уверение и опис на завршена студиска програма и за секој случај поединечно се одлучува по претходна анализа и оценка на компатибилноста, за што конечна одлука донесува Деканот на соодветниот факултет.

  1. Дали со тригодишно високо образование може да се запишам на постдипломски студии?

Единствена програма од постдипломските студии на која во моментов можете да се запишете е на Факултетот за арт и дизајн (3+2, 120 ЕКТС, Арт и дизајн).

 

Цени на школарина и надоместоци

  1. Цена на годишна школарина?

Цената на годишна школарина изнесува 1.500€  (I и II циклус соодветно), на Факултетот за економски науки, Факултетот за детективи и криминалистика, Факултетот за правни науки, Факултетот за арт и дизајн и Забни техничари – стручни студии на Факултетот за стоматологија.

Годишната школарина за академски студии на Факултетот за стоматологија е 3.000€.

Школарината се плаќа на 3 рати : I рата до 15.09, II рата до 15.02, III рата до 15.05.

Редовно следете ги објавите на веб-страната и социјалните мрежи за посебни поволности и попусти на годишната школарина за тековната академска година.

  1. Дали книгите/учебниците се вклучени во цената на школарината?

Да, книгите/учебниците за секоја академска година се вклучени во цената на школарината.

  1. Кои се дополнителните трошоци? / Дали има скриени трошоци?

Без скриени трошоци!

Во износот на школарината се вкалкулирани трошоците за: пакет учебници за секоја година, студентска организација, осигурување, како и еднократните трошоци за издавање Индекс и Студентска легитимација. На Факултетот за стоматологија, набавката на лекарски мантил и коленик е личен трошок на Студентот, кој истите ги задржува и користи и по завршување на студиите.

Трошоците во текот на студирањето се следниве:

Пријава на испит = 620 ден. во редовните рокови, за задоцнето пријавување 930 ден. по испит ;

Пријава на колоквиум = 460 ден. ;

Одбрана на дипломски труд со издавање уверение за завршен I циклус студии = 8.790 ден. ;

Одбрана на м-р труд со издавање уверение за завршен II циклус студии = 14.340 ден. ; Дипломска/магистерска одора = 500 ден. ;

Уверение за положени испити = 1.000 ден. ;

Потврда за редовен/вонреден студент = 100 ден. ;

Исписница = 12.340 ден. (*во случај на испишување).

  1. Надоместок за пријава на испит?

Надоместокот за пријава на испит изнесува 620 денари, за задоцнето пријавување 930 ден.

  1. Надоместок за пријава на колоквиум?

Надоместокот за пријава на колоквиум изнесува 460 денари.

  1. Кога се заверува семестар?

Семестар се заверува 2 пати годишно – од 1ви до 15ти октомври и од 15ти до 28ми февруари

  1. Дали е потребна уплата за таксена марка?

Не.

  1. Дали има надоместоци за неположени испити од претходни години и колку неположени испити се услов за полагање испити по предметите од наредна студиска година без дополнителен надомест?

Можете да полагате испити по предметите во наредната студиска година доколку имате најмалку 2 /два/ неположени испити, без дополнителен надомест.

Студентот кој заклучно со месец Ноември има повеќе од два неположени испити по предметите од претходната академска година, должен е најдоцна до 15 Декември во тековната година да плати надоместок за стекнување право на полагање испити и колоквиуми од тековната академска година, кој изнесува:

–              за 3 (три) неположени испити 5% од износот на годишната школарина;

–              за 4 (четири) неположени испити 7% од износот на годишната школарина;

–              за 5 (пет) и повеќе неположени испити 10% од износот на годишната школарина;

  1. Жиро-сметка за уплати?

Уплатите можете да ги извршите на следните жиро-сметки:

Депонент: Комерцијална Банка Скопје

Жиро с-ка: 300000002540078

Назив и седиште на примач: Европски Универзитет Скопје

Депонент: Халк Банк Скопје

Жиро с-ка: 270062123280220

Назив и седиште на примач: Европски Универзитет Скопје

  1. Плаќање во валута и од странство?
UNIVERSITY ACCOUNT INFORMATION
56A: Intermediary Institution – BIC: 57A: Account with Institution-BIC:
RZBAATWW SWIFT: EXPCMK22
RAIFFEISEN BANK INTERNATIONAL AG HALK BANK AD SKOPJE
VIENNA, AUSTRIA MACEDONIA
59:Beneficiary Customer – Name & Address:
IBAN: MK07270701000728870
EVROPSKI UNIVERZITET SKOPJE
BUL. KLIMENT OHRIDSKI BR.68, 1000 SKOPJE, R.N.MACEDONIA
  1. Увид во извршени уплати?

Увид за извршени уплати можете да извршите во Службата за финансии која што ги прокнижуваа и системски ги внесува.

 

Трансфер и признавање испити

  1. Како да извршам трансфер на Европски Универзитет?

За чекорите што треба да ги преземете во врска со Вашиот трансфер, следете го линкот

https://www.eu.edu.mk/2020/04/21/конкурс-за-упис-2020-21/

Кога се врши трансфер?

Трансферите се вршат со почеток по објавата на Конкурсот за упис, до првото затворање на матичната книга на запишани студенти и почетокот на академската година. Трансфер може да извршите и по затворањето на матичната книга, но не подоцна од 14ти февруари, при што е потребно Универзитетот да прибави согласност од Министерството за образование и наука.

  1. Дали ми се признаваат испитите при трансфер од друг факултет?

Студентите кои преминуваат од други високообразовни институции поднесуваат молба за признавање на испити  до Деканот на факултетот на кој преминуваат. Врз основа на претходен увид во содржините и бројот на кредити за соодветните предмети што студентот ги добил на факултетот од кој доаѓа, Комисијата за признавање испити врши целосно или делумно признавање на испитите по компатибилните предмети од студиската програма на која преминува.

  1. Дали има наплата на надоместок за полагање диференцијални испити? (при трансфер)

Студентите кои се запишуваат со трансфер немаат дополнителен надомест за полагање на диференцијалните испити. При пријавување за полагање на диференцијален испит, го уплаќаат редовниот надоместок од 620 ден. за еден испит.

 

Стипендии и попусти

  1. Дали следуваат посебни поволности и попусти за новозапишани студенти и под кои услови?

Во врска со условите за одобрување посебните поволности и попусти за тековната академска година, редовно следете ги објавите на веб-страната и социјалните мрежи. За упис во академската 2020/2021 следува попуст од 20% на годишната школарина, односно 10% за академските студии на Факултет за стоматологија, доколку аплицирате во првиот уписен рок (најдоцна до 30.06.2020). Повеќе информации на следниот линк:

https://www.eu.edu.mk/2020/04/24/студирање-по-промотивна-цена/

  1. Дали се доделуваат стипендии?

Стипендии (делумни или целосни) се доделуваат по претходно распишан Конкурс во тековната година согласно одлука на Управниот одбор. Воедно, студентите на Европски Универзитет имаат право да аплицираат за државните стипендии кои ги доделува МОН.

  1. Дали има попуст на школарината при упис и студирање на два или повеќе членови од исто семејство?

Да, има попуст доколку студираат два или повеќе членови од исто семејство. Попустот е 10% од износот на годишната школарина по лице.

 

Студии

  1. Времетраење на студиите?

Студиите на од прв циклус на Факултетот за арт и дизајн, Факултетот за детективи и криминалистика, Факултетот за економски науки и Факултетот за информатика се во времетраење од 4 /четири/ години

На Факултетот за стоматологија академските студии по Стоматологија траат 5 /пет/ години.

Стручните студии за забни техничари се 3 /три/ години.

Студиите од втор циклус на Факултетот за економски науки и Факултетот за детективи и криминалистика се во времетраење од 1 /една/ година.

Студиите од II циклус на Факултетот за арт и дизајн се во траење од 1 /една/ и од 2 /две/ години.

  1. Кои студиски програми можам да ги изберам и со кој назив се стекнувам по диломирање/магистрирање?
Факултет за економски науки
I циклус
Финансии (240ЕКТС) Дипл.економист по финансии
Бизнис менаџмент (240ЕКТС) Дипл.економист по бизнис менаџмент
Маркетинг (240ЕКТС) Дипл.економист по маркетинг
II циклус
Маркетинг (60ЕКТС) Магистер по маркетинг
Бизнис менаџмент (60ЕКТС) Магистер по ек.науки во област бизнис менаџмент
Финансии (60ЕКТС) Магистер по финансии
Здравствен и фармацевтски менаџмент (60ЕКТС) Магистер по ек.науки во област здравствен и фармацевтски менаџмент
Факултет за информатика
I циклус
Софтверско инженерство (240ЕКТС) Дипломиран инженер по информатика
Факултет за детективи и криминалистика
I циклус
Криминалистика (240ЕКТС) Дипломиран криминалист
II циклус
Безбедност

(60ЕКТС)

Магистер по безбедност
Факултет за арт и дизајн
I циклус
Арт и дизајн (240ЕКТС) Дипл.дизајнер
II циклус
Арт и дизајн (60ЕКТС) Магистер по арт, Магистер по дизајн
Арт и дизајн (120ЕКТС) Магистер по арт, Магистер по дизајн
Факултет за стоматологија
I и II циклус интегрирани академски студии
Стоматологија (300ЕКТС) Доктор по стоматологија
I и II циклус интегр.академски студии ЕN
Стоматологија (300ЕКТС) Доктор по стоматологија
Стручни студии
Забни техничари (180ЕКТС) Дипл.стручен забен техничар во област протетика и ортодонција
Факултет за правни науки

*само трансфер во III-та година

I циклус
Правни студии (180ЕКТС) Правник
  1. Дали се акредитирани студиите на Европски и дали акредитациите се важечки?

Сите активни студиски програми на Европски Универзитет наведени во табелата, се (ре)акредитирани во 2018 г. со решенија на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Министерството за образование и наука има донесено соодветни решенија за почеток со работа на сите актуелни акредитирани студиски програми.

  1. Каде можам да работам по диломирањето на Европски Универзитет, односно со дипломата што ќе добијам, што можам да работам?

По дипломирањето може да се работи на секоја работна позиција во јавниот и приватниот сектор во земјата и странство, соодветно на завршеното високо образование и стекнатите високообразовни квалификации.

  1. Дали ми е призната дипломата во странство?

Дипломата е призната во странство. Студиските програми се компатибилни со студиите во европскиот образовен простор што овозможува поедноставена процедура за признавање на стекнатите високообразовни квалификации во странство.

  1. Почеток и крај на академската година и број на семестри?

Академската година почнува на 1 октомври, а завршува на 30 септември следната година и е организирана во два семестри – зимски и летен семестар.

  1. Распусти и паузи?

Вообичаено, паузата помеѓу зимскиот и летниот семестар е од 15.01 до 15.02.

Слободен период за студентите во тековната година е од 15.07 до 31.08.

Секоја академска година датумите се прецизираат со глобален распоред на активности.

  1. Промена на насока/промена на факултет во текот на студиите/семестарот?

Да, постои можност за промена на насока/факултет. Повеќе информации за ова прашање можете да добиете од Студентската служба.

  1. Работно време на Студентска служба?

Секој ден од понеделник до петок од 8 до 18 часот.

Во вонредни ситуации, работата на студентската служба се одвива со скратено работно време или on-linе преку комуникација на e-mail адресата [email protected]. За секоја промена се објавува посебно известување на веб-страната.

Контакт телефони на Студентска служба: 02 / 3 202 100 ; 02 / 3 202 101 ; 02 / 3 202 111.

  1. Предавања и вежби?

Ангажираноста на студентот во настава и вежби во текот на една академска година изнесува вкупно 30 недели, по 15 недели секој семестар. Предавањата и вежбите се во времетраење согласно претходно утврден распоред, а вообичаеното траење на еден академски час е 45 мин.

Пред почетокот на секоја академска година Универзитетот усвојува глобален распоред на наставни активности.

  1. Дали се задолжителни предавањата и вежбите?

Присуството на предавање и вежби е задолжително за редовните студенти и влијае при формирањето на оценката согласно правилата за доделување кредити според ЕКТС.

  1. Каде се изведува практичната настава по стоматологија?

Практичната претклиничка и клиничка настава на Факултетот за стоматологија (академски студии и студии за забни техничари) се изведува во целосно опремени лаборатории за претклиничка настава  и здравствената установа Универзитетски Стоматолошки Клинички Центар „ПРОФ.Д-Р БОЈО АНДРЕСКИ“, со локација во универзитетската зграда.

  1. Дали е задолжителна практичната настава за редовните студенти и пополнувањето на дневници за практична работа?

Задолжително е присуството на практична настава, како и пополнувањето на Дневниците еднаш годишно (за време на паузите од настава се реализира праксата, најдоцна до почеток на наредната академска година се доставуваат).

  1. Со кои институции/организации, Универзитетот има соработка и на кој начин би можел да бидам вклучен?

Информација можете да добиете на веб-сајтот и кај Деканите.

  1. Меѓународни соработки и можност за мобилност?

Информација можете да добиете на веб-сајтот и кај Деканите.

  1. Дали има задолжителни проектни, семинарски задачи и стручни трудови?

Стручните трудови не се задолжителни и истите се изработуваат по задолжение и во консултација со предметниот наставник, во зависност од специфичноста на наставната материја.

  1. Дали професорите се достапни и секој ден на работа, и до колку часот?

Редовно вработените наставници се достапни секој ден од понеделник до петок од 8 до 15 часот. Надворешните соработници (визитинг професори и насловни доценти) се достапни во определени термини. Повеќе информации можете да добиете од Студентската служба.

  1. Приемни денови на вработени наставници и визитинг/насловни наставници?

Редовно вработените наставници можат да ве примат на консултации секој работен ден од понеделник до петок, во периодот од 8 до 15 часот, во термин што ќе го договорите во зависност од нивниот ангажман за реализација на наставата и испитите. Надворешните соработници (визитинг професори и насловни доценти) се достапни во определени термини за кои можете да добиете повеќе информации од Студентската служба.

  1. Дали може да добијам дополнителна помош и материјали за подготовка на колоквиум/испит?

Да, можете. Обратете се до предметниот професор/асистент, да добиете дополнителна асистенција во термин што претходно ќе го договорите. Воедно, може да се обратите до предметниот наставник/асистент и по e-mail.

  1. Кога е свеченото доделување на дипломите?

Вообичаена пракса е Универзитетот да ги доделува дипломите на првиот академски час од новата академска година (1 октомври), и на 19-ти декември за патрониот празник на Универзитетот – Св.Никола.

  1. Дали ми е достапна библиотеката?

Библиотеката е достапна за читање, истражување и учење во текот на работното време на Универзитетот.

  1. Дали има фотокопирница на Универзитетот?

Да, има фотокопирница на Универзитетот, достапна за секој студент во текот на работното време.

  1. Дали има студентска организација и како да станам член?

Има студентска организација и секој новозапишан студент станува член на истата.

  1. Кои се активностите на студентската организација?

Студентската организација се грижи за квалитетот на животот на студентот и квалитетот на процесот на студирање, студентскиот стандард, остварувањето на студентските права и интереси и за студентската културна, социјална и интелектуална надоградба, поттикнува студентски активности надвор од наставниот процес, итн.

  1. Дали се организираат студентски забави?

Да, по иницијатива и желба на студентската организација/студентите.

  1. Дали се организираат спортски активности и натпревари?

Спортска активност – часови по кик-бокс во салата за вежбање во универзитетската зграда, учество на Скопски Маратон, натпревари  и сл.

  1. Дали се организираат екскурзии?

Да, доколку има интерес и иницијатива од студентската организација/студентите.

  1. Дали се организираат научни конференции?

Да, вообичаено се организираат 2 пати во текот на академската година.

  1. Дали е задолжително носењето униформи?

Не. Нема униформи.

  1. Дали се изведуваат курсеви и тестирања за разни видови сертификати?

Можете да посетувате курс и да се тестирате за ECDL (European Computer Driving License) сертификат, меѓународно признат документ со кој се потврдува нивото на компјутерските вештини што ги поседувате.

  1. Дали може да учествувам во ЕРАЗМУС+ програмата како студент на размена?

Право на учество во Еразмус+ програмата имаат само редовни студенти на прв циклус со завршена прва година  на студии, како и студентите на втор циклус студии. Повеќе информации во врска со Редовно следете ги објавите – конкурсите за учество во Еразмус+, на официјалната веб-страна.

  1. Дали има презапишување на година (квадрат)?

Презапишување на година се врши кога студентот воопшто не посетувал настава во претходната академска година, не се појавил на ниту еден испит/колоквиум и воопшто немал било каква активност во врска со студирањето.

Студентот има право на презапишување на година (квадрат) со поднесено писмено барање (молба) до Деканот на факултетот. Износот на надоместок за повторно запишување година (квадрат) е 50 % од годишната школарина.

  1. Дали има презапишување на предмет од претходна година?

Предметот од претходната година на студии за кој не сте положиле испит, не го слушате пак во тековната година. Имате право на негово пријавување и полагање во испитните сесии.

  1. Постапка за мирување на студии?

Студентот може да ги стави студиите во мирување врз основа на поднесено писмено барање (молба) до Деканот на факултетот, со наведување на причината за мирување со докази во прилог.

  1. Постапка за испишување?

Студентот доставува писмено барање (молба) за испишување до Деканот на факултетот,  со доказ за уплата од 200€ надоместок за испишување. Согласност Договорот за студирање, студентот  нема право на повраток на средствата што ги уплатил по било кој основ до денот на испишувањето.

 

Пријавување и полагање испити / колоквиуми

  1. Кога се пријавува испит?

Испит се пријавува од 1-ви до 5-ти во месецот кога се одржува испитна сесија (испитен рок). Од 6-ти до 10-ти во месецот, за студентите што задоцниле со поднесување пријава во редовниот рок.

  1. Кога се пријавува колоквиум?

Кoлоквиуми се пријавуваат 14 дена пред започнување на колоквиумска недела, согласно Глобалниот календар усвоен на почетокот од секоја академска година.

  1. Како се пријавува испит?

Формуларот за пријава на испит е достапен во универзитетската фотокопирница.  Заедно со уредно пополнетата пријава се доставува доказ за извршена уплата на надоместок од 620 денари. Пријавата се остава во соодветното сандаче на предметниот наставник во Студентската служба на универзитетот.

  1. Како се пријавува колоквиум?

Формуларот за пријава на колоквиум е достапен во универзитетската фотокопирница.  Заедно со уредно пополнетата пријава се доставува доказ за извршена уплата на надоместок од 460 денари. Пријавата се остава во соодветното сандаче на предметниот наставник во Студентската служба на универзитетот.

  1. Кога се полага испит?

Испитите се полагаат во испитна сесија во термини според распоредите кои ги објавуваат Деканите, согласно Глобалниот календар за тековната академска година. Студентот има  право да ги полага предметите во рамките на 8 /осум/ испитни сесии во месеците: Февруари, Март, Април, Јуни, Септември, Октомври, Ноември и Декември.

  1. Кога се полага колоквиум?

Испитите се полагаат во термини според распоредите кои ги објавуваат Деканите, согласно Глобалниот календар за тековната академска година.

  1. Колку колоквиуми се полагаат и на кој начин се полагаат?

Еден предмет се полага на два колоквиуми, а начинот на полагање е согласно правилниците на Универзитетот.

  1. Што во случај ако не се положи еден од колоквиумите?

Ако не се положи прв колоквиум, немате право да полагате втор колоквиум. Доколку паднете на втор колоквиум, предметот го полагате на испит.

  1. Каков е начинот на полагање на испит?

Проверката на знаењето е пред сé писмено. Алтернативно, испитувањето може да се спроведе усно, со одбрана на стручен труд и примена на др.погодни методи по избор на предметниот професор, согласно важечките законски и подзаконски прописи, како и Правилниците на Универзитетот.

  1. По кои предмети положените испити се условно поврзани со полагање испити од наредна година?

За меѓусебната условеност на положените испити (доколку ги има), факултетите донесуваат посебен правилник. Повеќе информации можете да добиете од Деканот на соодветниот факултет и на нашата веб-страна во рубриката со Правилници.

  1. Дали може да променам датум за полагање испит или колоквиум?

За промена на датум за полагање доставувате до предметниот наставник писмено барање (молба) со образложение за причините и докази во прилог. Барањето го одобрува предметниот наставник кој воедно ве известува за презакажаниот термин.

  1. Дали при пријавен испит/колоквиум, доколку не се појавам на истиот, ќе ми важи уплатата за наредна сесија?

Доколку студентот пријавил и уплатил за испит/ колоквиум и не се појавил на истиот, уплатата не му важи за наредната сесија, меѓутоа доколку студентот уплатил за испит/колоквиум а истиот не го пријавил тогаш уплатата ќе важи за наредна сесија. Во случај сесијата да е одложена од страна на Универзитетот, уплатата се засметува при наредно полагање.

  1. Каде може да добијам резултати од испити/колоквиуми?

Резултатите од испити и колоквиуми се истакнати на список кај наставникот/асистентот за соодветниот предмет, веб-страната, социјалните мрежи, а исто така се достапни во системот на Студентската служба

  1. Преполагање на испит/колоквиум поради незадоволство од добиена оценка?

Има можност за поднесување приговор на оценувањето поради незадоволство од постигнатиот резултат. Приговорот заедно со Молбата за преполагање се доставуваат до Студентската служба во рок од 3/три/ дена од соопштување на резултатите од полагањето. Повторното полагање се изведува во согласност со одредбите од Правилниците на Универзитетот кои што ја регулираат оваа материја.

 

Пријава и одбрана на дипломски/магистерски трудови

  1. Постапка за одбрана на дипломски труд?

После полагањето на последниот испит од студиската програма од I циклус, во договор со предметен наставник-ментор се избира тема и се изработува дипломска работа. Дипломската работа се доставува во 3 примероци и 3ЦД  до студентската служба и потоа се отвара досието на студентот за проверка. Доколку се е во ред (административно и финансиски), се закажува одбрана на дипломски труд. Надоместокот за одбрана на дипломската работа со издавање уверение за завршен I циклус студии изнесува 8.790 ден.

  1. Постапка за одбрана на магистерски труд?

После полагањето на последниот испит / во последен запишан семестар, од студиската програма од II циклус, во договор и консултација со предметен наставник-ментор се избира тема и се доставува пријава за изработка на м-р труд. Кога  изработката на магистерскиот труд е во финална фаза, по претходна консултација со менторот се доставува барање за формирање рецензиона комисија за оценка и одбрана на трудот, а менторот го прикачува на on-line базата за плагијати. Испечатениот и укоричен магистерски труд се доставува во 6 примероци до студентската служба и потоа се отвара досието на студентот за проверка. Доколку се е во ред (административно и финансиски), се закажува одбрана на дипломски труд. Надоместокот за одбрана на магистерскиот труд со издавање уверение за завршен II циклус студии изнесува 14.340 ден.

 

Барања и молби

  1. Дали може да поднесам Барање/Молба во врска со исполнувањето на обврските по Договорот за студирање?

Студентите кои од различни причини не се во можност во целост да ги исполнат обврските согласно Договорот за студирање, можат да поднесат до Управниот одбор на Европски Универзитет писмено барање (молба) со образложение за причините и докази во прилог. Барањето ќе биде разгледано и доколку е основано и аргументирано, по истото ќе се донесе одлука за целосно или делумно усвојување. Во случај да нема образложение и докази за причините поради кое се поднесува, барањето ќе биде одбиено.

 

Издавање потврди/уверенија/др.документи

  1. За колку време можам да добијам уверение за положени испити?

Уверението се добива за 5 работни дена. Барањето за издавање Уверение се доставува до Студентската служба.

  1. За колку време можам да добијам потврда за редовен студент?

Потврдата се добива веднаш. Барањето за издавање Потврда се доставува до Студентската служба.Надоместокот за издавање е 100 денари.

  1. Можам ли да добијам опис на предметите од студиската програма при трансфер на друг универзитет, признавање диплома во странство или за упис на нареден циклус студии?

Да, можете да добиете опис на предметите од студиската програма на официјален заверен и потпишан документ. Воедно, описот на предметите можете да го најдете на веб-страната www.eu.edu.mk во делот на студиските програми за секој факултет соодветно.

  1. Дали при итни и неодложни ситуации, може да добијам побрзо документ?

Да. Доколку ситуацијата е итна и неодложна, поднесете молба со образложени причини и ќе го добиете бараниот документ по итна постапка. За издавање на документ по итна постапка не се наплаќа дополнителен надоместок.

 

Изгубени исправи (Индекс, Уверение, Диплома)

  1. Ако го изгубам Индексот, што треба да преземам?

При губење на Индекс, студентот го огласува како неважечка исправа во Службен Весник на РСМ и доставува доказ за објавата до Студентска служба. Студентот доставува и една фотографија (димензија за пасош). Надоместокот за издавање нов Индекс е 1.000 денари.

Напомена: Податоците потребни за објавата во Службен Весник на РСМ, можете да ги добиете од Студентската служба.

  1. Ако изгубам Уверение за дипломирање/магистрирање, што треба да преземам?

При губење на Уверение за дипломирање/магистрирање, студентот го огласува Уверението како неважечка исправа во Службен весник на РСМ и доставува доказ за објавата до Студентска служба. Надоместокот за издавање ново Уверение за дипломирање/магистрирање е 2.000 денари. Се изработува најмногу за 5 /пет/ работни денови.

Напомена: Податоците потребни за објавата во Службен Весник на РСМ, можете да ги добиете од Студентската служба.

  1. Во случај да ја изгубам Дипломата, што треба да преземам?

Студентот ја огласува изгубената Дипломата како неважечка исправа во Службен весник на РСМ и доставува доказ за објавата до Студентска служба. Надоместокот за повторно издавање Диплома изнесува 2.000 денари.

Напомена: Податоците потребни за објавата во Службен Весник на РСМ, можете да ги добиете од Студентската служба.